СОНК реагира во однос на расределбата на средствата од буџетот на Република Македонија, преку Министерството за култура на име за проекти

Објавено на: 13. 02. 2018
Прочитано: 451 пат(и).

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК реагира во однос на расределбата на средствата од буџетот на Република Македонија, преку Министерството за култура на име за проекти, на кои конкурираат организации од невладиниот, односно граѓанскиот сектор.

Имено, СОНК реагира на, според нас, нефукционалното трошење државни пари, обезбедени преку Министерството за култура за дел на проекти кои всушност со ништо не ја отсликуваат, презентираат или воздигнуваат културата во Република Македонија, особено не преку финансирање на проекти кои во најмала рака се сомнителни во оправданоста да бидат одобрени преку ова Министерство, како и проекти кои се поднесени од членови на комисии и кои одлучуваат за доделување на средства за туѓи, но и за свои апликации.

Огромно е разочарувањето кај културните работници кои се вработени во установите од културата, а кои реално се едни од најслабо платените работници во Јавниот сектор и очигледно се заборавени од страна на државата. Се чини дека Министерството за култура не е заинтересирано да го потпише и имплементира Колективниот договор за култура, со тоа и да се надмине проблемот со различните плати во оваа дејност, воедно и да се подигне висината на платите на ниво со кое што на културните работници ќе им се врати достоинството на нивната професијата.

За таа цел, СОНК апелира до Министерството за култура итно да продолжат преговорите за потпишување на Колективниот договор, како и обезбедување на средства за имплементација на истиот. Во спротивно на сите ќе ни биде јасно дека државата нема интерес за подигнување на социјалниот статус и мотивираноста на работниците во една од најзначајните дејности во државата, што е обележје на вековното постоење и културно воздигнување на народите што живеат во Република Македонија.