Реакција на СОНК во врска со неисплатените декемвриски плати во неколку општини во Р.Македонија

Објавено на: 23. 01. 2018
Прочитано: 1243 пат(и).

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК) изразува голема загриженост во врска со неможноста на вработените во детските градинки, основите и средните училишта во неколку општини во државата, да го остварат своето законско право, да земат плата за месец декември 2017 година. Имено, заради причини од политички карактер, Советите на општините Чаир, Тетово, Теарце и Гостивар сеуште ја немаат завршено  законската процедура за усвојување на општинскиот  Буџет за 2018 година, со што се доведуваат до тотална финансиска блокада и се оневозможува повеќе илјади вработени од  дејностите што ги покрива СОНК да не можат да земат плата.

СОНК укажува на сериозноста на ваквата ситуација и бара максимална одговорност од сите чинители, креатори на овој проблем, со цел што поитно да се надмине ваквата ситуација и да може да се исплатат платите во најкраток можен рок. Во спротивно, синдикалните организации на СОНК во кои нема исплатено декемвриска плата, изгледно е дека ќе донесат Одлуки со кои ќе применат и по радикални синдикални мерки во интерес на одбрана на правата загарантирани со Закон и Колективен договор.