Реакција на СОНК во врска со не продолжување на договорите за работа на работниците во детските градинки, основните и средни училишта

Објавено на: 04. 01. 2018
Прочитано: 1014 пат(и).

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Р. Македонија (СОНК), остро реагира на масовното НЕ продолжување на работните договори  на вработените во детските градинки, основните и средни училишта, од страна на директорите на установите, а по налог на повисоките органи на локалната и централната власт.

Имено, изминативе денови сме сведоци дека, на голем број  наставници, воспитувачи и негователи, со повеќегодишно работно искуство,  без никаква причина  НЕ им се продолжува договорот за работа,  а на нивно место се примаат нови работници кои по некои “чудни “ критериуми, без ниту еден ден работно искуство,  ги пополнуваат вештачки испразнетите места. Се запрашал ли некој како ќе делува промената на ,,втората мајка” на половина од учебната година, врз  психата на децата во нивната најрана возраст?! 

 Ваквата состојба за СОНК е апсолутно неприфатлива  и апелира до надлежните, наместо да се занимаваат со кадровски прашања  и отпуштање од работа каде што  нема реална потреба за тоа, да се позанимаваат со конечноте решавање на статусот на истите работници и да им се трансформира работниот однос од определено на неопределено работно време,  на начин како што е предвидено  со Законот за работни односи, како и со Спогодбата потпишана помеѓу социјалните партнери СОНК , МОН, МТСП и Министерството за култура во 2008 година, со што во изминативе години, над 8000 работници го решија својот статус на трајно вработување. Исто така, сакаме да укажеме  дека во моментов има голем недостаток на стручен кадар во градинките,  а со сегашното отпочнување на процедури на огласи за вработување на испразнетите местата,  подолг временски период  сегашниот персонал ќе биде принуден да работи со и така преголемиот број на деца во групите, што е надвор од сите стандарди. СОНК најостро ќе реагира на ваквата ситуација,  нема да дозволи работа во такви услови и ќе ги употреби сите расположливи законски средства за одбрана на правата и интересите на своите членови.

За ваквите состојби, СОНК укажуваше и реагираше неколку месеци наназад  до ресорните министерства по писмен пат, за што доби и ветување од министерката за труд и социјална политика, на редовна седница на Советот на СОНК, дека ниту еден вработен во детска заштита нема да остане без работа, напротив, ќе  има потреба од нови вработувања?!.  За жал, МОН не не удостои со одговор на нашата реакција за повеќемесечниот едностран прекин на процесот на трансформација на договори за работа на вработените во образованието.

СОНК ги повикува сите работници - членови на СОНК во дејностите детска заштита, основно и средно образование на кои НЕ им е продолжен  договорот за работа, да се обратат до  правната служба на синдикатот и да ги остварат своите права на бесплатна правна помош.

Исто така, СОНК ги повикува надлежните во дејностите  детската заштита, образованието и културата,  да ги почитуваат законските одредби за усогласување на минималната плата со платите во дејностите според колективните договори и многу посериозно да се позанимаваат со социјалниот статус на вработените во образовните и културни установи, како и конечно  да отпочне  социјалниот дијалог и партнерство  со репрезентативниот синдикат – СОНК, на начин и интензитет како што налагаат законите, колективните договори и реалните потреби, а не само декларативно, според изјавите на некои министри од овие дејности.

СЛЕДНА СТАТИЈА

СОНК ВО ЗАВРШНА ФАЗА ОД ПОДГОТОВКИТЕ ЗА СОЦИЈАЛНИОТ ПРОТЕСТ

ПРЕТХОДНА СТАТИЈА

ОДДРЖАНА ДЕВЕТАТА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА СОНК